Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На повидок е шокантен пресврт: ЕУ ја разгледува можноста за купување на руски гас?

Претставници на Европската унија (ЕУ) ја разгледуваат можноста за повторно купувањето на руски гас како дел од потенцијалниот договор за ставање крај на руско-украинската војна, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори.

Застапниците за продолжување на купувањето руски гас, вклучително и официјални лица од Унгарија и Германија, велат дека овој потег може да биде поттик и за Русија и за Европа да го поддржат мировниот договор за стабилизирање на енергетскиот пазар на континентот, пишува лондонскиот весник.

Сепак, на предлогот за снабдување на ЕУ со руски гас како дел од договорот со Русија за ставање крај на војната се спротивставуваат главните сојузници на Украина во Унијата, како и официјални лица од некои „источни“ членки на тој блок, наведува Финансискиот Тајмс.

Пред нешто помалку од еден месец, Украина го суспендираше транзитот на руски гас до ЕУ преку нејзина територија, што предизвика протести во двете членки на ЕУ, Словачка и Унгарија, кои продолжуваат да се потпираат на рускиот гас, и покрај напорите на 27-члениот блок да ги диверзифицира своите извори на снабдување.

Европските земји продолжуваат да купуваат руски течен природен гас (ЛНГ), додека Турски тек останува единствениот гасовод што носи руски гас во ЕУ.

Унгарија оваа недела објави дека ги добила „гаранциите што ги барала“ од ЕУ за да обезбеди транзит на енергија во европските земји, откако се закани дека ќе стави вето на санкциите кон Москва. Набргу потоа, Ројтерс објави дека Европската комисија ќе ги продолжи разговорите со Украина, Словачка и Унгарија за испораките на гас.

Пред рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, ЕУ добиваше околу 40 отсто од вкупниот гас од Русија преку гасовод, а Германија беше водечки купувач.

Извозот на фосилни горива претставува клучен дел од приходите на руската држава и придонесува за разгорување на нејзината војна против Украина, поради што партнерите на Киев бараат целосно запирање на набавките.

ЕУ го суспендираше целиот увоз на руски јаглен, најголем дел од увозот на руска нафта и повеќе од две третини од увозот на руски гас, објави неодамна Европската комисија. ЕУ сака да ги елиминира сите руски фосилни горива од својот пазар до 2027 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој вети дека ќе посредува во мировниот договор за Украина, ја повика Европа да купи повеќе американски течен природен гас и да го зголеми производството на нафта за да ги намали цените и да ги намали приходите на Русија, во обид да ја принуди да седне на преговарачката маса.

Зачлени се на нашиот е-билтен