Од денеска се очекува да поевтинат над 1000 прехранбени и непрехранбени производи откако во Службен весник се објавени одлуките на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите.
Владата во вторникот на седница донесе одлуки за ограничување на бруто профитната маржа и за утврдување на највисоките цени на одделни производи со што треба да бидат опфатени 102 групи на производи или на над 1000 прехранбени и непрехранбени производи.
Според Комората, со владините одлуки нема да бидат опфатени 1000 производи, туку од 3000 до 4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.
– Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност, информираа од Комората.
Одлуките на Владата ги оценија како избрзани и посочија дека со нив се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти.