Бислимовски: Високите сметки не се резултат на цената на струјата, туку на погрешното читање од страна на ЕВН

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, изјави во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 дека причината за високите сметки за електрична енергија не е во самата цена на струјата, туку во погрешното предвидување на потрошувачката од страна на универзалниот снабдувач. Тој објасни дека потрошувачката не била точно проценета и дека погрешното отчитување од страна на броилата е главната причина за високи сметки.

„Очигледно, има грешки во предвидувањето на потрошувачката. Оваа година имаме 99 жалби за сметки, каде што од ЕВН првично им кажале на граѓаните дека нивните сметки се во ред, но тие продолжиле да се жалат кај нас. Сега, почнуваме да носиме одлуки и во последните 10 дена донесовме повеќе од 10 одлуки, од кои најголем дел се поволни за граѓаните. Во тие случаи, му се наредува на ЕВН Хоме да ги коригира сметките“, рече Бислимовски.

Тој истакна дека технички е невозможно да се прегледаат сите броила, па затоа се користи метод за предвидување на потрошувачката. Кога се донесат позитивни одлуки за корекција на сметките, универзалниот снабдувач е должен да ги прифати и најчесто потрошувачите ќе бидат компенсирани преку пребивање на следните сметки.

Зачлени се на нашиот е-билтен