Поранешниот претседателски кандидат на Романија, Калин Георгеску, денеска потврди дека ќе се кандидира за претседателските избори, иако против него се води истрага.
Изјавата ја даде по петчасовно испрашување во Главното обвинителство, каде што беше пречекан од сопругата и стотици негови поддржувачи.
„Ова ме потсетува на комунистичкиот режим од 50-тите години. Но, ние продолжуваме. Народот е силата. Нема да клекнеме! Сигурно ќе се кандидирам!“ рече Георгеску, додека неговите поддржувачи аплаудираа.
Тој изјави дека „американските санкции ќе ја расчистат ситуацијата во Романија“ и дека „глобалната корупција ќе биде разоткриена“.
Георгеску, кој победи во анулираниот прв круг на минатогодишните претседателски избори, денеска беше обвинет за шест кривични дела, вклучувајќи активности против уставниот поредок и пропагирање екстремистички идеи.
Поради тоа, му е изречен 60-дневен судски надзор со забрана да ја напушти земјата и да објавува содржини со расистички, антисемитски или фашистички карактер на социјалните мрежи.
На прашањето дали ќе му биде дозволено да се кандидира, Георгеску одговори: Погледнете што се случува. Единствено што е важно е народот.