Трагедија во Манхајм – Се забил во автомобил во толпа, еден загинал

Германската полиција соопшти дека автомобил удрил во група луѓе во центарот на Манхајм, при што едно лице загинало, а неколку се повредени.

Во официјалното соопштение се наведува дека засега нема дополнителни информации за бројот и тежината на повредите. Потврдено е и дека осомничениот е идентификуван и уапсен, но деталите за инцидентот сè уште не се објавени.

Полицијата извршува голема безбедносна операција со присуство на итни служби, а локалните власти ги повикаа граѓаните да го избегнуваат центарот на градот.

Настанот се случил за време на карневалската сезона во Германија. Локалниот карневалски пазар во Манхајм беше отворен минатата недела, а вчера се одржа парада, додека традиционалниот уличен карневал беше планиран за утре.

Германската полиција веќе беше во зголемена состојба на готовност поради закани поврзани со радикални групи. Засега не е потврдено дали станува збор за намерен напад, но инцидентот предизвикува загриженост, особено по неодамнешните случаи во кои автомобили намерно биле насочувани кон толпи луѓе.

Зачлени се на нашиот е-билтен