Низата повици за бојкот е одговор на промените во американската политика, вклучувајќи ги санкциите поврзани со руската агресија врз Украина и воведувањето царини за европските производи.
Движењата за бојкот на производите од САД се појавија и во Шведска, организирани преку социјалните мрежи. На Facebook се формирани групите „Boykot varer fra USA“ со 67.000 членови и „Bojkotta varor från USA“ со над 70.000 членови, пренесува Klix.ba.
Швеѓаните се повикуваат да избегнуваат купување производи и услуги од водечки американски брендови како што се McDonald’s, Coca-Cola, Nike, Levi’s, Netflix, Google и Airbnb.
Џаник Кохинур, основачка на групата „Bojkotta varor från USA“, изјави дека се чувствувала принудена да го започне овој бојкот, иако е шведска државјанка.
„Кога веќе не можам да гласам на американските избори или да протестирам на нивните улици, чувствував дека морам нешто да преземам“, изјави таа.
На страницата на групата се споделуваат препораки за алтернативни производи, но некои американски брендови тешко се избегнуваат.
„Сè има американско влијание, па затоа е многу тешко. Би требало да бојкотираме речиси сè“, коментирал еден од членовите.
Други членови изразиле поддршка за иницијативата, но признаваат дека тешко е да се убеди јавноста бидејќи луѓето ретко размислуваат за потеклото на производите што ги купуваат.
Кохинур била критикувана што групата ја основала на Facebook, платформа што е во сопственост на американската компанија Meta. Сепак, таа изјавила дека во моментов нема подобра алтернатива, но дека корисниците ќе треба да се прилагодуваат како што ќе се појавуваат нови опции, пренесува Euronews.