Четворица од повредените во пожарот во ноќниот клуб во Кочани се префрлени на лекување во Белгија. Тие се сместени во болници во Брисел, Антверпен, Лиеж и Шарлероа, информира Македонската амбасада во Белгија.
Транспортот е организиран со специјален авион на романските вооружени сили, со кој истовремено четворица други повредени се испратени на лекување во Холандија.
– Антонија, Маја, Петар и Драгољуб пристигнаа во Белгија. Благодарност до белгиската Влада, нивното МНР, како и до Романија и Европската Унија за поддршката. Утре е нов ден, нова надеж за нашите сограѓани, им посакувам брзо закрепнување! – изјави македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски.
Македонци кои живеат во Белгија понудија бесплатно сместување и превоз за семејствата на повредените, додека Амбасадата обезбеди преведувачи за комуникација со медицинскиот персонал.
Во Амбасадата во Брисел е отворена книга на жалост во чест на жртвите од трагедијата. Сите заинтересирани можат да изразат сочувство во текот на работната недела, во утврдените термини.