Илјадници луѓе протестираа во Будимпешта против новиот закон со кој се забранува годишната Парада на гордоста и се дозволува користење на софтвер за препознавање лица за идентификување на организаторите и учесниците.
Новинарите на Ројтерс од местото на настанот процениле дека околу 2.000 луѓе учествувале на протестот, извикувајќи „Европа“ и „Валкана Фидес“ додека се обидувале да блокираат клучен мост во Будимпешта.
„Годниот закон усвоен минатиот вторник не е само за забрана на Прајд, туку ефективно овозможува сузбивање на каква било форма на протест во иднина“, напиша на Фејсбук организаторот на протестот, независен пратеник Акос Хаџази.
Демонстранката Жужа Сабо (72), која дојде на протестот рече дека не се работи за гордост, туку за слобода на собирање, што, како што тврди, владата на премиерот Виктор Орбан се обидува да го „ограничи, а можеби и целосно да го спречи“.
Унгарскиот парламент го усвои законот предложен минатата недела од пратениците на владејачката партија Фидес за забрана на Парадата на гордоста со образложение дека може да биде штетна за децата.
Либералниот градоначалник на Будимпешта, Гергели Карачони, го критикуваше законот, а членовите на опозициската партија Моментум запалија димни факели во знак на протест за време на парламентарното гласање.
Организаторите на фестивалот тврдат дека годишната Парада на гордоста не претставува закана за децата и дека планираат да го одржат Прајд и покрај забраната.