Објектите кои законски не треба да имаат пропусти, а ги имаат, ќе добијат и рок за корекција

Владата има примарна обврска да ја гарантира безбедноста на граѓаните и да воспостави здрав и функционален систем кој во изминатите 30 години беше значително нарушен, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

По трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани, тој најави темелни проверки не само на јавните објекти, туку и на угостителските објекти и станбените блокови низ државата.

– За жал, времето беше кратко за да стигнеме насекаде и да ги исправиме сите недостатоци, но сме на добар пат да воведеме значајни промени во иднина. Објектите кај кои ќе се утврдат недоследности ќе добијат рок за нивно отстранување, со цел да се обезбеди безбедноста на сите корисници – изјави Перински.

Тој потенцираше дека Владата се залага за превенција на слични несакани настани во иднина.

– Доколку објектите не ги отстранат утврдените неправилности во дадениот рок, нема да можат да продолжат со работа и ќе бидат затворени – додаде тој.

Перински истакна дека станува збор за обемна акција која се спроведува на централно и локално ниво, па затоа е потребно време за да се согледаат сите предизвици и да се донесат соодветни мерки.

– Да им дадеме време и на централните и на локалните власти да го анализираат состојбата, а потоа ќе донесеме заклучоци што ќе бидат во корист на граѓаните – нагласи Перински.

Министерот денеска присуствуваше на презентацијата на реконструираниот објект на основно училиште, кој е преадаптиран во Регионален центар за рехабилитација на деца излекувани од канцер. Овој проект е дел од втората фаза на „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, реализиран од Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.

Најчитано