Земјите од јужна Европа ја одбија иницијативата на Европската комисија за финансирање на одбраната преку поволни заеми, стравувајќи дека тоа дополнително ќе ги зголеми нивните веќе високи долгови, објави бриселски „Политико“.
Предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој вклучува пакет заеми во вредност од 150 милијарди евра и посебна клаузула за олеснување на фискалните правила на ЕУ, наиде на силен отпор, особено во Франција, Италија и Шпанија. Овие земји сметаат дека дополнителното задолжување ќе ги оптовари нивните национални буџети.
Планот беше насочен кон зголемување на европските инвестиции во одбраната и намалување на зависноста од заштитата на САД, како и кон зголемено испраќање оружје во Украина.
Сепак, државите со високи долгови не го прифатија моделот базиран на заеми и почнаа да бараат алтернативни форми на финансирање, како што се „одбранбени обврзници“, кои би биле финансирани преку заедничко задолжување на ЕУ на капиталните пазари, со одобрување од сите 27 земји членки.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека планот на Европската комисија главно се потпира на националните долгови и нагласи дека неговото спроведување би било тешко за Италија, која веќе се соочува со големи фискални предизвици.
Франција, чиј јавен долг надминува 110% од БДП, исто така не е подготвена да ја активира предложената клаузула, стравувајќи од негативни последици врз финансиските пазари и кредитниот рејтинг. Од друга страна, Шпанија, која во 2024 година издвојува најмалку за одбрана меѓу членките на НАТО – само 1,3% од БДП, вети дека ќе преземе мерки за зголемување на воените инвестиции пред летото 2025 година.