Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој беше правосилно осуден од Судот на Босна и Херцеговина за непочитување на одлуките на високиот претставник и е осомничен за загрозување на уставниот поредок, ја напуштил територијата на БиХ и отпатувал најпрво во Србија, а потоа во Израел. Неговото заминување отвори низа правни и политички дилеми, вклучително и можноста за издавање меѓународна потерница.
Додик се појави во Батајница, Србија, на 24 март за да ја одбележи годишнината од НАТО-бомбардирањето, а потоа замина во Израел, каде што учествува на конференција за борба против антисемитизмот. Според достапните информации, Граничната полиција на БиХ не го спречила неговото заминување од земјата, иако била распишана централна потерница, што предизвика сомнежи за евентуални пропусти во работата на надлежните институции.
Сараевскиот весник „Ослобоѓење“ објави дека, освен Додик, централна потерница е распишана и за претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, и премиерот на РС, Радован Вишковиќ, откако тие не се одзвале на поканата на Обвинителството на БиХ за сослушување во врска со обвиненијата за загрозување на уставниот поредок.
Според медиумите во БиХ, Интерпол во најскоро време ќе распише меѓународна потерница.
Меѓународна потерница се распишува од Судот на БиХ на предлог на Обвинителството, а потоа се доставува до Интерпол, кој одлучува за нејзината понатамошна обработка и дистрибуција.