Партијата на пензионери: Поддржуваме закон за работно ангажирање на пензионери и студенти

Партијата на пензионери ја поддржува иницијативата на Владата за носење закон кој ќе овозможи работно ангажирање на пензионерите и студентите во формалната економија. Од партијата велат дека ваквото законско решение е неопходно, бидејќи досегашното неформално вработување ги става овие категории граѓани во неповолна положба.

„Партијата на пензионери во повеќе наврати досега предложи вакво решение, со кое конечно ќе се регулира работниот однос на пензионерите и студентите. Донесувањето на ваков закон претставува значаен чекор напред за пензионерите, кои ќе имаат можност да останат активни, но и за студентите, кои ќе добијат законска рамка за работа“, се вели во соопштението на партијата.

Оттаму потенцираат дека хроничниот недостаток на работна сила во повеќе сектори ја прави оваа мерка неопходна. „Факт е дека досега ваквото ангажирање се одвиваше во сивата економија, од што губеа сите – работодавачите, пензионерите, студентите, па и државата. Со новиот закон, работата ќе се одвива легално, што ќе значи и зголемени приходи во буџетот преку плаќање даноци и придонеси“, истакнуваат од партијата.

Дополнително, од Партијата на пензионери ја поздравуваат поддршката што законот ја добива и од опозициските партии, оценувајќи ја како „значајно придонесување за стабилноста и ефикасноста на новото законско решение“.

„Чесно, сплотено, одлучно“, завршуваат од партијата во своето соопштение.

Зачлени се на нашиот е-билтен