Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, оцени дека се продолжува со злоупотреба на правосудството за политички цели, реагирајќи на одлуката на Судот на Босна и Херцеговина да го прифати предлогот на Обвинителството за распишување меѓународна потерница за него и за Ненад Стевандиќ.
„Муслиманите од Сараево прават сè за да го инструментализираат Обвинителството и Судот и да го интернационализираат овој случај“, изјави Додик, нагласувајќи дека оваа потерница мора да биде одобрена од седиштето на Интерпол.
Според него, оваа одлука нема да ѝ користи на бошњачката страна, туку напротив – и самиот ќе ја интернационализира ситуацијата.
„Јас ги почитувам одлуките на Народното собрание на Република Српска, каде јасно беше кажано како треба да постапувам и како претседател ќе се држам до тие ставови. За мене, Република Српска е единствено важна, додека БиХ е неуспешна и пропадната држава. Сакам да им укажам на сите Срби во Српска што ги чека ако не се по волја на муслиманите во Сараево – тие ќе го инструментализираат правосудството за да расчистат со секој српски политичар или бизнисмен“, истакна Додик.
„Знам дека ова е дел од процесот“
Тој додаде дека во Република Српска има и такви кои се радуваат на оваа ситуација, но нагласи дека тој самиот е смирен.
„Свесен сум дека ова е дел од процесот и дека на крајот ќе мора да сфатат дека се работи за груба злоупотреба, а дека Судот и Обвинителството не требало ни да постојат. Ако институциите се злоупотребуваат на ваков начин, тогаш немаат ни легитимитет. Република Српска ќе продолжи со својата борба, иако не е лесно кога механизмите на наводното правосудство се злоупотребуваат. Ова го гледам како обид на Сараево да ме принуди да одам таму и да бидам фотографиран. Ова е дел од нивниот напор да ја спречат Република Српска да делува на меѓународната сцена“, заклучи Додик.