Прогласена вонредна состојба, страшни снимки од земјотресот во Мјанмар

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди Мјанмар, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS). Земјотресот бил почувствуван и во две соседни земји. Првите снимки од погодените подрачја се застрашувачки, а бројот на жртви сè уште не е познат.

Првиот потрес бил регистриран 16 километри северозападно од градот Сагаинг, во централниот дел на земјата, на длабочина од 10 километри, околу 14:20 часот по локално време, соопшти USGS. Само 12 минути подоцна, уследил уште еден силен земјотрес со јачина од 6,4 степени.

Потресот бил почувствуван и во соседните Индија и Тајланд. Некои извештаи наведуваат дека бил регистриран и во Кина, каде што тамошната агенција за следење на земјотреси го проценила на 7,9 степени според Рихтер.

Мјанмар започна итна акција за собирање крв

Поради големиот број повредени, властите на Мјанмар прогласија итна акција за дарување крв. Според соопштението на Државниот административен совет на Мјанмар, бројот на загинати и повредени е значителен.

Властите ги повикаа сите граѓани кои можат да даруваат крв, да се јават во најблиските болници.

Според најновите извештаи од Бангкок, најмалку три лица загинале, а околу 90 се водат како исчезнати. Во градот се урнала висококатница во изградба, а досега од под урнатините се извлечени седум лица. Спасувачките операции се отежнати поради нестабилните остатоци од зградата.

Земјотресот предизвикал значителни штети во градот Мандалеј и другите региони на Мјанмар.

Осум жртви во Мандалеј – Градот сериозно погоден

Според извори од локалните медиуми, осум лица загинале во општина Пји Гји Тагон во Мандалеј откако се урнала зграда во изградба.

“Целиот град Мандалеј ги почувствува последиците од потресот. Спасувачките екипи и болниците се преоптоварени. Се обидуваме да се снајдеме со ресурсите што ги имаме”, изјавил очевидец за „Гардијан“.

Работата на Црвениот крст е отежната поради прекин на струја
Екипите на Црвениот крст известуваат дека се соочуваат со тешкотии во одговорот на „огромното разурнување“ во погодените подрачја. Многу региони, вклучително и Мандалеј и Сагаинг, останале без електрична енергија, а интернет конекциите се прекинати.

И покрај овие потешкотии, Црвениот крст продолжува да собира информации за итните хуманитарни потреби на настраданите.

Вонредна состојба во голем дел од земјата

Воената хунта во Мјанмар прогласи вонредна состојба во централните делови на земјата, вклучително и во вториот по големина град Мандалеј и во главниот град Нејпјидо.

Вонредната состојба ги опфаќа регионите Сагаинг, Мандалеј, Баго и Магвај, како и источниот дел на Шан, јавува CNN.

Според локалните медиуми, најмалку 10 лица загинале кога се урнала џамија во Мандалеј.

Зачлени се на нашиот е-билтен