Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Како што соопштија од Обвинителството, обвинетиот се товари за кривично дело согласно член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
„Во рок од два месеци од несреќата, прибрани се сите релевантни докази и вештачења, кои покажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот, за кое е запретена затворска казна до 20 години“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Според наодите, несреќата се случила на 29 јануари, околу 23:45 часот, кога обвинетиот управувал возило „Пежо 207“ без да поседува возачка дозвола. Притоа, како што утврдило Обвинителството, тој возел со 91 km/h – речиси двојно повеќе од дозволената брзина, а во крвта му биле измерени 0.80 промили алкохол.
„Иако семафорот покажувал црвено светло за возилата, обвинетиот не запрел, продолжил со движење и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која во тој момент поминувала на обележан пешачки премин со зелено светло за пешаци“, се наведува во соопштението.
Од силниот удар, Кулакова била фрлена во воздух и удрила во семафор, по што се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.
Обвинителството истакнува дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот и можност за повторување на делото. „Имајќи ја предвид сериозноста на делото, возраста на обвинетиот и другите околности, оценивме дека и натаму постојат законските основи за продолжување на мерката притвор“, стои во нивното соопштение.