Со едноминутно молчење за настраданите во трагедијата во Кочани, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска ја почна промоцијата на дипломираните и магистрираните студенти во академската 2023/24 година.
ФИНКИ, кој воедно го одбелжа и 14. роденден, настанот му го посвети на својот студент Спире Стоименов, една од 59-те жртви во пожарот. Спомнати беа и четворицата повредени студенти на ФИНКИ кои се уште се лекуваат во земјава и надвор, Ана Захариева, Анастасија Соколова, Јорданчо Ефтимов и Петар Стојменовски.
-Нашиот драг колега Спире во текот на студиите редовно беше вклучен во организација на претходните свечености за Денот на факултетот и беше пример за студент кој придонесуваше за развојот и промоцијата на ФИНКИ. Денешниот настан го посветуваме на него, беше истакнато на почетокот на церемонијата.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска која се обрати до присутните, уште еднаш испрати порака дипломираните студенти да останат во државава.
-Она што сакам вам да ви го порачам е – да продолжите да стекнувате знаења и вештини, затоа што се најдобар компас кој ве води до вашите цели. Немам дилема за вашиот просперитет. Ова е барана професија и секако дека сте и потребни на денешницата. Но, како министерка, посакувам да продолжите да живеете и работите овде, во својата земја, и да помогнете во нејзиниот развој. Тука сте најпотребни, потенцира Јаневска.
Најавувајќи крупни промени за унапредување на квалитетот на високообразовниот систем, таа повтори дека Владата максимално е посветена на младите. Вети и дека ФИНКИ конечно ќе го добие новиот објект.
-Во рамки на реформите се разгледуваат различни решенија, а меѓу нив е и тоа за гарантирано вработување на најдобрите студенти во една генерација на јавните универзитети и научни установи. Исто така, сакам и овде да повторам дека овој факултет конечно ќе го добие новиот објект. Процедурата е во тек и во текот на мандатот на оваа Влада, зградата ќе биде завршена. Наша цел е младите да добијат можности за квалитетно образование и добра работа во Македонија. Верувам дека и сите вие тоа најмногу го сакате и го заслужувате. Честитки на сите кои денес дипломираа и магистрираа. Говорот ќе го завршам со испраќање последен поздрав до студентот кој денеска требаше да се радува на постигнатиот успех, заедно со сите вас. За жал, животот му заврши во несреќата во Кочани. Нека почива во мир и нека е вечен неговиот спомен. Сочувство до семејството и сила во овие тешки мигови. На повредените четворица студенти, ваши колеги, им посакувам поскоро закрепнување и продолжување по патот до остварување на поставените животни и професионални цели, рече министерката.
Деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски информира дека минатата година на Факултетот дипломирале повеќе од 430 студенти, а 20 магистрирале.
-Лани дипломираа повеќе од 430 студенти што е рекорден број и тенденција на раст од 20 отсто. Продолжуваме со школување на нашите студенти, но правиме и напори за нивно унапредување и подготвување за пазарот на труд. ФИНКИ соработува со индустријата и покрај научна мисла, дава и практично знаење препознаено од комапниите. Остануваме тука да ги подготвуваме нашите инженери, да ја унапредуваме економијата и целокупниот процес на дигитална трансформација на државата, истакна Јакимовски.
Тој изрази надеж дека многу брзо ќе бидат завршени зградите во кои треба да се смести ФИНКИ со што, напомена, ќе се реши деценискиот проблем на Факултетот.