Дополнителното зајакнување на соработката меѓу НАТО и Јапонија е од клучно значење за безбедност и стабилност на Евроатлантскиот и на Индо-пацифичкиот регион, порача генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба во Токио.
„Русија продолжува да води војна против Украина, нејзината економија е на воена основа и не се откажа од своите амбиции за преобликување на европската безбедност. Во меѓу време, Кина се стреми кон големо воено засилување, се обидува да ги контролира клучните технологии, критичната инфраструктура и синџирите на снабдување и продолжува со дестабилизирачки активности во Индо-Пацификот. Гледаме и севернокорејски трупи и оружје кои се користат против Украина, во замена за поддршката на Русија на нелегалните програми за оружје на Северна Кореја“, рече Руте
Според него, во ваков се поопасен свет, НАТО и Јапонија стојат цврсти за да ги заштитат заедничките вредности, слободата и мирот.
„Заедно, ја поддржуваме Украина, затоа што исходот од оваа војна не е важен само за европската безбедност, туку и за глобалната стабилност“, нагласи Руте
Тој го поздрави планот на Јапонија за инвестирање на средства за одбраната на ниво од два отсто од нејзиниот БДП до 2027 година и нејзините континуирани инвестиции за зајакнување на вооружените сили.
„Ќе бидеме побезбедни кога работиме заедно“, заклучи Руте.
Во заедничката изјава по нивната средба во Токио, Руте и Ишиба го нагласуваат споделувањето од страна на Јапонија и НАТО на стратешките интереси и заеднички вредности, како што се слободата, демократијата, човековите права и владеењето на правото и потенцираа дека нивното партнерство е од стратешко значење за Евроатлантскиот и Индо-пацифичкиот регион.
„Ја потврдуваме нашата посветеност на меѓународниот мир и стабилност. Безбедноста на Евроатлантскиот и на Индо-пацифичкиот регион се меѓусебно поврзани и се соочуваме со многу исти предизвици. Силно НАТО е во корист и за Јапонија. Го споделуваме верувањето дека во променливо и неизвесно безбедносно опкружување, продолжувањето на соработката Јапонија-НАТО ќе биде од корист за безбедноста и издржливоста на Евроатлантскиот и Индо-пацифичкиот регион“, се наведува во писмената изјава.
Во неа се посочува и дека НАТО и Јапонија сметаат оти руската агресија врз Украина е сериозно кршење на меѓународното право, вклучително и на Повелбата на ОН, како и дека двете страни ја потврдуваат важноста на тековните дипломатски напори од страна на релевантните земји за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир.
„Силно ја осудуваме зголемената воена соработка меѓу Северна Кореја и Русија, вклучувајќи ја руската употреба на севернокорејски ракети против Украина и ангажирањето на севернокорејските трупи во борбите во Украина. Споделуваме длабока загриженост за каква било политичка, воена или економска поддршка што Русија може да ја даде на програмите за нелегално оружје на Северна Кореја и ги повикуваме Русија и Северна Кореја веднаш да престанат со сите такви активности и да се придржуваат до релевантните Резолуции на ОН“, се вели во изјавата.
Руте и Ишиба изразуваат и загриженост за кинеската поддршка на руската одбранбена индустриска база и ја повикуваат Кина да го поддржи меѓународното право, спротивставувајќи се опасното ширење на руската агресија врз Украина, како и да се заложи за спроведување на сите релевантни Резолуции на ОН.
Во документот се осудува и развојот на севернокорејската нуклеарна и балистичка ракетна програма, се потврдуваме важноста од целосна денуклеаризација на Северна Кореја во согласност со релевантните Резолуции на ОН.
„Ја потврдуваме важноста на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ) како камен-темелник на глобалната архитектура за нуклеарно неширење и разоружување и како рамка за меѓународната соработка во споделувањето на мирољубивата употреба на нуклеарната енергија, науката и технологијата“, се додава во изјавата.