Експерти од Англија и македонски лекари заеднички подготвуваат протоколи за проценка на клиничката слика на повредените во трагедијата од дискотеката „Пулс“ во Кочани. Целта е да се направи прецизна тријажа – кои пациенти ќе продолжат со лекување во Македонија, а кои ќе бидат пренесени во странство.
„Веќе работиме со тим од англиски стручњаци за изгореници. Заедно со нашите доктори подготвуваме евалуација која ќе одреди каде пациентите ќе се третираат понатаму – дома или во странство“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Тој информираше дека се очекуваат податоци од странските клиники за состојбата на пациентите, за да се направи план за понатамошен третман. Во моментов, девет лица се лекуваат во скопските болници, додека 48 се пренесени во странство.
„Во Литванија имаме пациент кој е во стабилна состојба. Тамошните служби планираат да го задржат уште еден месец за целосна рехабилитација“, додаде Таравари.
Според него, повеќе држави изразиле подготвеност да преземат дел од пациентите без финансиски надоместок, особено оние на кои им е потребна долгорочна нега.
„Не станува збор само за физикална терапија – туку и за респираторна и психолошка рехабилитација“, нагласи министерот.
Од следната недела, се подготвуваат капацитети во болницата „8 Септември“ за прием на дел од потешко повредените лица.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март, при што загинаа 61 лице, а речиси 200 беа повредени.