Од 18 април, сите поголеми трговци во земјава ќе имаат обврска секое утро, најдоцна до 10 часот, да ги објавуваат ажурираните цени на производите што ги нудат во своите продавници. Ова произлегува од новиот Правилник донесен од Министерството за економија и труд на 3 април, кој детално ги уредува обврските околу транспарентноста на цените во малопродажба.
Секој производ треба да биде објавен со следниве податоци:
Име на производот (вклучувајќи марка и модел)
Редовна продажна цена со вклучен ДДВ
Цена по единица мерка (килограм, литар, метар)
Опис на производот и моментална достапност
Цена со попуст, ако е активна промоција
Времетраење на попустот или акцијата
Овие информации мора да се ажурираат секој работен ден, за секој продажен објект посебно. Во случај на техничка грешка, трговецот е должен да ја коригира во рок од 24 часа.
Кој е опфатен, а кој е изземен?
Обврската се однесува на сите трговци со повеќе продажни места и широк асортиман производи. Микротрговците и трговците поединци се ослободени од оваа обврска. Трговците имаат рок од 45 дена да го прилагодат своето работење, односно до 18 април 2025 година. Подзаконскиот акт што го регулира ова, беше објавен десет дена по влегувањето во сила на Законот за заштита на потрошувачите – на 14 март.
Во меѓувреме, десетина ИТ-компании веќе понудиле решенија за веб-платформи, преку кои потрошувачите ќе можат во реално време да ги следат цените на производите, како и промените на истите. Изработката на ваков систем чини од 30.000 до 1 милион денари – во зависност од големината на трговецот – а одржувањето може да изнесува и неколку стотици илјади денари месечно.
Иако рокот официјално е 18 април, неофицијално се размислува за пролонгирање до 1 мај поради технички предизвици и потребата од адаптација.
Инспекциски надзор и казни
Со измените на Законот, се предвидуваат и нови прекршочни одредби, односно казни за трговците што нема да постапуваат во согласност со прописите. Надзорот ќе го врши Државниот пазарен инспекторат, кој добива проширени овластувања за контрола и постапување.
Новите регулативи потсетуваат на едиктот на римскиот император Диоклецијан од 301 година, кој се обидел да ја сопре инфлацијата со фиксирање на максималните цени на сè – од храна до облека и добиток. Иако неговиот обид бил неуспешен, денешната иницијатива, според Министерството, има за цел да ја зајакне информираноста на потрошувачите и да ја олесни споредливоста на цените, а сето тоа преку дигитални канали и дневна транспарентност.
Ваква регулатива веќе постои во Хрватска, Италија и Израел, а сега и Македонија прави чекор во таа насока – со цел да го заштити домашниот купувач од неконтролирани цени и неинформиран избор.