Сезонските овошја и зеленчук ќе влезат во потрошувачката кошничка според календар на производство

Сите видови овошја и зеленчук што се произведуваат во земјава ќе бидат вклучени во пресметката на просечната потрошувачка кошничка, но тоа ќе се прави етапно и сезонски, според периодот кога тие култури доспеваат и се користат.

Ова го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на денешната прес-конференција во Владата. Тој информираше дека за таа цел веќе е изготвен и доставен посебен календар до Министерството за економија.

– Министерството за земјоделство учествува во креирањето на кошничката заедно со други министерства и е надлежно за земјоделските производи. Изработивме календар на земјоделски култури со податоци за тоа кога секоја од нив доспева и се користи, кој веќе е доставен до Министерството за економија. Производите ќе се вклучуваат во кошничката според нивната сезонска застапеност, објасни Трипуновски.

Тој додаде дека приоритет ќе имаат домашните производи, кои се најзастапени на пазарот.

Во однос на штетите што неодамна ги предизвикаа ниските температури, министерот информираше дека во најпогодените општини веќе се формирани комисии за проценка на штета.

– Имавме случаи на минусни утрински температури кои предизвикаа значителна штета, особено врз овошните насади. Најмногу се погодени сливите во Делчевско, јаболката во Ресен, праските и нектарините во Росоман и Тиквешијата, како и калинката и јапонското јаболко во Валандовско. Веќе ги посетив Ресен и Росоман. Општинските комисии по пријава на земјоделците ќе извршат проценка, а збирните извештаи ќе ги достават до надлежната владина Комисија, која потоа ќе одлучи за висината на обесштетувањето, изјави Трипуновски.

Тој изрази уверување дека проценките ќе бидат извршени навремено и транспарентно, со цел земјоделците да ја добијат заслужената поддршка.

Зачлени се на нашиот е-билтен