OpenAI развива сопствена социјална мрежа, ќе биде ли конкуренција на X?

OpenAI, водечката компанија зад ChatGPT, наводно работи на развој на своја социјална мрежа слична на платформата X (поранешен Twitter), објави порталот The Verge повикувајќи се на извори запознаени со проектот. Според информациите, сè уште не е одлучено дали новата мрежа ќе биде посебна апликација или ќе биде интегрирана во ChatGPT, кој минатиот месец стана најпревземаната апликација во светот.

Проектот е во рана фаза, но веќе постои интерен прототип кој вклучува социјален фид (feed) фокусиран на генерирање на слики со помош на ChatGPT. Извори велат дека извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, приватно бара мислења за идејата и од луѓе надвор од компанијата.

Потенцијалното лансирање на оваа мрежа може да ја засили веќе постоечката конкуренција меѓу Алтман и Илон Маск. Маск во февруари неформално понудил да го купи OpenAI за 97,4 милијарди долари, на што Алтман одговорил: „Не, благодарам – но ние би го купиле X за 9,74 милијарди ако би го продал“.

Оваа платформа би ѝ овозможила на OpenAI пристап до сопствени, уникатни и тековни податоци во реално време – нешто што X и Meta веќе го користат за тренирање на своите модели на вештачка интелигенција. Доколку OpenAI ја реализира оваа идеја, тоа може да има силно влијание врз развојот на новата генерација на AI апликации.

Инаку, компанијата Meta веќе работи на самостојна апликација со вештачка интелигенција, во која планира да вгради социјален фид, како дел од својата стратегија да конкурира со ChatGPT. Како реакција на овие најави, Алтман саркастично напиша на X: „Добро, можеби навистина и ќе направиме социјална мрежа“.

Во меѓувреме, Илон Маск се соочува со проблеми – X губи голем дел од огласувачите, а неговата AI компанија xAI, која сега е формално споена со X, го користи токму тој фид како извор на податоци. Истовремено, Meta го тренира својот модел LLaMA на масивна база на податоци од своите корисници.

Доколку OpenAI ја реализира својата мрежа, таа не само што би станала конкурент на X и Meta, туку би добила и вредна предност – пристап до автентични податоци за унапредување на своите AI модели, без да се потпира на трети страни.

Зачлени се на нашиот е-билтен