Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ од Мисисага, Канада го освои првото место на Интернационалниот уметнички фестивал од натпреварувачки карактер во Љорет де Мар, Каталонија, Шпанија.
-Овој триумф не е само победа за ансамблот, туку и историски момент за македонската култура oд дијаспората. „Илинден“ е првото македонско фолклорно ансамбл од северноамериканскиот континент што постигнало вакво признание на интернационален натпреварувачки фестивал, во конкуренција на врвни ансамбли од Индонезија, Шпанија, Литванија, Индија, Латвија, Украина и други земји, соопштија од ансамблот.
Како што посочуваат, ансамблот на фестивалот кој се одржа на 1 мај во Шпанија, се претставил со фрагмент од сценската кореографија „Источна“, дело на доајенот Тофе Дракулески, со музика на истакнатиот Ѓорѓи Димчевски – изведба што ја плени публиката со автентичност, динамика и сценска грандиозност, добивајќи највисоки оценки од меѓународното стручно жири.
Македонски фолклорен ансамбл „Илинден“, дел од Македонската Православна Црква „Св. Илија“ – Мисисага, постои од 1984 година и е еден од најзначајните културни столбови на македонската дијаспора во Канада.
Во изминатите децении, ансамблот има настапувано низ повеќе градови во САД (Њујорк, Чикаго, Вашингтон, Акрон, Бафало, Детроит), како и во земјава.