Мотоциклист тешко повреден во Марвинци е билансот од судирот меѓу „кавасаки“ и „мерцедес“, по кој полицијата измерила 1,45 промили алкохол кај возачот на автомобилот. Несреќата била пријавена денеска, 25 октомври, во 00:15 часот во ОВР Валандово.
Судирот се случил на регионалниот пат во валандовското село. Автомобилот го управувал 26-годишниот В.И. од Брајковци, а мотоциклот 57-годишниот М.Г. од Марвинци. Двете возила имале валандовски регистарски ознаки
Тешките телесни повреди кај мотоциклистот биле констатирани во Општата болница во Гевгелија. Во објавените полициски информации не се наведени дополнителни детали за неговата здравствена состојба.
Увид на местото извршила екипа на ОВР Валандово. При проверката било утврдено дека возачот на „мерцедесот“ управувал под дејство на алкохол. Од МВР најавуваат соодветна пријава по целосното документирање на случајот.
