Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на „директни разговори“ меѓу Украина и Русија во рамки на 30-дневен прекин на огнот, што од Москва го побараа Европејците, Американците и Украина.
- Во случај на 30-дневно примирје, започнуваме директни разговори меѓу Украина и Русија, изјави Макрон за француските медиуми додека патуваше со воз за Киев.
- Подготвени сме да помогнеме, додаде францускиот претседател.
Тој предупреди дека ќе има дополнителни, „многу поостри“ санкции ако Москва не го прифати прекинот на огнот.
Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер утрово пристигнаа во Киев заедно со полскиот премиер Доналд Туск, за да изразат поддршка на Украина.
Посетата е симболичен одговор на комеморацијата на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, која вчера се одржа на Црвениот плоштад, со учество на рускиот претседател Владимир Путин и дваесетина странски лидери, меѓу кои и кинескиот претседател Си Џинпинг.