Синдикалната кошница достигна 63.908 денари – минималната плата покрива само 38% од трошоците за мај

Минималната синдикална кошница за едно четиричлено семејство во мај изнесува 63.908 денари, што е за 1.217 денари повеќе од априлската вредност од 62.691 денар. Податоците ги објави Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој предупредува дека по укинувањето на владините антикризни мерки за ограничување на цените и маржите, трошоците за живот продолжуваат да растат.

Семејствата кои живеат под кирија се соочуваат со уште поголем товар. За стан од 60 квадратни метри, вкупните основни трошоци за месец мај достигнуваат 79.283 денари.

Најголемото зголемување е забележано кај храната и пијалаците – тие сега чинат 22.434 денари месечно, што е за 954 денари повеќе од претходниот месец. ССМ предупредува дека животниот стандард на работниците, особено на оние со ниски примања, се влошува.

„Евидентно е дека без соодветни мерки, цените неконтролирано растат. Основните прехранбени производи стануваат сè понедостапни за граѓаните со ниски примања“, велат од ССМ.

Минималната нето-плата, која од март изнесува 24.379 денари, покрива само 38,15% од вредноста на синдикалната кошница. За да се покријат сите потреби, потребни се 2,62 минимални плати. Од друга страна, со просечната плата, која во февруари изнесуваше 43.053 денари, може да се покријат 67,3% од трошоците – односно потребни се 1,48 просечни плати за основен живот на четиричлено семејство.

„Порастот на трошоците за живот и синдикалната кошница по завршувањето на владините мерки јасно укажуваат дека е неопходно зголемување на платите. Тоа повеќе не го бара само ССМ, туку и самите граѓани кои секојдневно ја чувствуваат оваа неправда“, додаваат од Синдикатот.

Синдикалната минимална кошница вклучува 11 категории на трошоци: храна и пијалаци, облека и обувки, станарина и комуналии, лична и домашна хигиена, здравство, транспорт, комуникации, рекреација и култура, образование, угостителски услуги, како и останати стоки и услуги.

Од Владата најавија дека ќе подготват своја верзија на минимална кошница, заснована на сезонски производи и адаптирана за просечно тричлено семејство. Сепак, останува нејасно кога таа ќе биде објавена и дали ќе биде усогласена со реалните пазарни услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен