Автомобилите произведени во Мексико и извезени во САД ќе подлежат на царина од 15, а не 25 проценти, благодарение на дополнителни трговски олеснувања, потврди мексиканскиот министер за економија, Марсело Ебрард.
„Тоа е голема предност во споредба со другите земји кои извезуваат во САД. Секако, би сакале таа стапка да биде нула“, изјави Ебрард.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 26 март воведе царина од 25 проценти за сите автомобили што не се произведени во САД. Мерката стапи на сила на почетокот на април.
Сепак, производителите од Мексико и Канада – членки на Северноамериканскиот договор за слободна трговија со САД – може да добијат преференцијални царински олеснувања, објасни Ебрард.
Според договорот, царината се применува само на делови од автомобилите што не се произведени во САД, под услов тој удел да може документарно да се потврди.