Д-р Самади за „Њузмакс“: Ракот на простата Бајден го имал најмалку пет години, ова што го објавија нема никаква смисла

Околу (не)криењето на здравствената состојба на Бајден и степенот на зафатеност на организмот со канцерот, со неколку прашања за „Newsmax“ се појави и д-р Дејвид Самади, директор на уролошката онкологија во болницата „Сент Францис“ на Лонг Ајленд, Њујорк.

-Некој како претседателот Бајден, кој е на функцијата најмалку 20, ако не и повеќе години, имал скрининг и бројни PSA тестови (тестови за откривање евентуално заболување на простата), а исто така и дигитални ректални прегледи и прегледи на простата, рече Самади, додавајќи дека „мора да има повеќе во оваа приказна од објавеното, бидејќи луѓето не се наивни“

Самади објасни дека развојот на рак на простата, како оној на Бајден, може да потрае со години. Конкретно тој посочи дека за овој тип на канцер да дојде во фазата во која е сега кај претседателот Бајден ( Глисонова скала 9) тој морал да постои меѓу пет и седум години.

Самади, оценува дека на Глисоновата скала до два до 10, Бајден со наодот Глисон 9 се наоѓал во многу агресивна фаза на канцерот затоа што 8, 9 и 10 биле најагресивните фази од канцерот на простата. 

-Жално е што канцерот метастазирал на коските и тоа е лоша прогноза, тој е многу агресивен рак на простатата. И во овој момент операција и радијација (зрачење) веројатно не се добра опција. Тој ќе прима хормонална терапија, која не може да го излекува ракот, туку само ја намалува прогресијата на болеста, го намалува тестостеронот. Со оглед дека за растат на ќелиите на ракот е потребен тестостеронот. Така што, со намалување на количеството на тестостерон ќе влија на брзината на развојот на канцерот. 

 Докторот смета дека Бајден најверојатно го има овој рак со години.

 „Јас не сум негов доктор и немам пристап до неговите лични информации, но приказната нема никаква смисла онака како што е објавена.“

Иако нема лек за ракот на Бајден, тој се лечи, иако третманот доаѓа со несакани ефекти, рече Самади.

-Може да се забави напредувањето на болеста, рече Самади додајќи дека „постојат многу несакани ефекти од овој вид третман. Знаеме дека за жал, постојат некои проблеми со менталното здравје, а овие лекови можат дури и да ги влошат тие симптоми, можат да влијаат на срцевите проблеми и менталното здравје. Затоа се надевам дека ќе се опкружи со експерти и многу лекари, како што требало да прави со децении со оглед на важната работа што ја има.“

Самади рече дека е тешко да се замисли дека ракот на Бајден би поминал незабележано.

„Можеби знаеле за ова, но времето не било добро, или едноставно не сакале да ги објават овие информации или веста за метастазите штотуку била пронајдена“, рече Самади. „Таа приказна нема смисла за мене.“

Инаку, откако за време на викендот светската јавност беше информирана дека поранешниот американски претседател Џо Бајден има агресивен рак на простата, во напредна фаза, покрај изразите на поддршка што пристигнаа од сите страни на светот, се појавија и прашања за тоа како е дозволено да дојде до толкаво влошување на неговата здравствена состојба и за тоа ништо да не биде преземено или зошто тоа можеби свесно се премолчувало.

Меѓу првите уште во понеделникот реагираше американскиот претседател Доналд Трамп, кој по упатената желба за заздравување на 82-годишниот негов претходник во Белата куќа, отворено се запраша како е дозволено, покрај редовните годишни детални систематски прегледи, за болеста на Бајден никој досега да не изреагира. Притоа, тој изјави дека тоа детално ќе се испита.

Високо рангиран функционер на Министерството за правда на САД, Лео Тарел, денеска ја обвини поранешната прва дама Џил Бајден за можна кривична одговорност за „злоупотреба и занемарување на стари лица“, директно алудирајќи дека таа е поврзана со наводното прикривање на здравствената состојба на поранешниот претседател Џо Бајден.

Терел на социјалните мрежи објави дека Џил Бајден знаела за здравствените проблеми на поранешниот претседател, но сепак му дозволила да учествува на претседателските избори.

Според него, злоупотребата на стари лица е форма на семејно насилство и Џил треба да објасни зошто ја довела јавноста во заблуда за здравствената состојба на Џо Бајден.

Зачлени се на нашиот е-билтен