Нетанјаху тврди дека е убиен лидерот на Хамас: „Ќе ја освоиме цела Газа, офанзивата продолжува“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва изјави дека израелската армија „веројатно“ го убила Мохамед Синвар, де факто лидерот на Хамас во Газа и брат на убиениот лидер Јахја Синвар.

„Елиминиравме десетици илјади терористи“, рече Нетанјаху на својата прва прес-конференција по неколку месеци. „Ги елиминиравме водачите на убијците – Деиф, Ханија, Јахја Синвар и веројатно Мохамед Синвар.“

Мохамед Синвар беше цел на израелските воздушни напади минатата недела врз Европската болница во Кан Јунис. Според палестинското Министерство за здравство, во нападот загинале 28 Палестинци, а повеќе од 50 биле ранети. Доколку биде потврдена неговата смрт, тоа би било уште едно во низата убијства на високи функционери на Хамас, иако организацијата сè уште ја контролира појасот Газа.

Мохамед Синвар беше брат на Јахја Синвар, поранешен лидер на Хамас, кој беше убиен од израелската војска во јужна Газа во октомври.

„Продолжуваме со операцијата во Газа“

Нетанјаху потврди дека новата израелска воена офанзива во Газа нема да запре.

„Нашите сили заземаат сè повеќе територија во Газа“, изјави тој. „На крајот од операцијата, целата област на Појасот Газа ќе биде под израелска безбедносна контрола.“

Тој рече дека Израел би можел да се согласи на привремен прекин на огнот, но само доколку тоа вклучува ослободување на заложниците. Според него, крајот на војната е можен само под строги услови: демилитаризација на Газа, соборување на Хамас од власт и спроведување на американскиот план за доброволно иселување од регионот.

„Кој и да нè повикува да ја запреме војната пред да ги постигнеме овие цели, всушност повикува Хамас да остане на власт“, додаде Нетанјаху.

„Целосна координација со Америка околу Иран“

Нетанјаху изјави дека постои „целосна координација“ со сегашната американска администрација на Доналд Трамп во врска со нуклеарната програма на Иран. Според него, секој иден договор со Иран мора да вклучува забрана за развој на нуклеарно оружје и крај на збогатувањето на ураниум.

Американската телевизија CNN во вторникот објави дека американската разузнавачка заедница верува оти Израел подготвува можен напад врз нуклеарните постројки на Иран.

„Израел има право да се брани од режим кој се заканува со негово уништување“, заклучи Нетанјаху.

Зачлени се на нашиот е-билтен