Убиени двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон

Двајца вработени во израелската амбасада во САД се убиени во престрелка што се случи во средата навечер пред Еврејскиот музеј во главниот град на САД, јави британски Гардијан. Осомничениот за нападот, 30-годишниот Елијас Родригез од Чикаго, е уапсен на самото место, потврди полицијата во Вашингтон.

Претходно, осомничениот кружел пред музејот, кој се наоѓа во близина на регионалната канцеларија на ФБИ, а потоа отворил оган врз група од четири лица кои излегувале од еврејски настан. Убил маж и жена, за кои израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер изјави дека биле млад пар кои планирале свадба.

Откако ги застрелал жртвите, напаѓачот влегол во музејот, каде бил приведен од обезбедувањето. При апсењето извикувал „Слобода за Палестина“, соопшти полицијата. Властите истакнаа дека Родригез не бил на ниту една безбедносна листа и дека пред инцидентот немало предупредувања за потенцијални закани.

Портпаролката на израелската амбасада во Вашингтон, Тал Наим Коен, изјави дека вработените биле застрелани од блиску додека присуствувале на еврејски настан во музејот.

„Имаме целосна доверба во локалните и федералните власти дека ќе постапат соодветно и ќе продолжат да ги заштитуваат претставниците на Израел и еврејските заедници низ САД“, рече таа.

Претседателот на Израел, Исаак Херцог, ја нарече престрелката „гнасен чин на омраза и антисемитизам“. Американскиот претседател Доналд Трамп преку платформата Truth Social го осуди нападот, нарекувајќи го „ужасен чин заснован на антисемитизам“.

Градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, порача дека заедницата ќе остане обединета и дека нема да толерира омраза и насилство. Таа додаде дека нема активна закана за жителите, но предупреди дека нападот ќе предизвика страв кај многумина.

Инцидентот се случува само една недела откако Еврејскиот музеј во Вашингтон доби средства од локален фонд за зголемување на безбедноста.

Истрагата продолжува во соработка меѓу локалната полиција и ФБИ.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен