Меџити, парите од договорoт за стратешко партнерство ќе ги насочи за расчистување на опасните депонии

Проекти од областа на животната средина како што е елиминирање на депониите со опасен отпад ќе се финансираат со средства од Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, најави денеска во Лондон вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити.

-Освен железничкиот сообраќај, здравство, образованието, кои веќе се договорени, денеска излеговме со нова идеја.  Поконкретно тоа е проблемот со опасниот отпад, кој се влече со децении во нашата држава. Зборувам за линданот во фабриката Охис, за оној во Југохром во Јегуновце кој веќе е штетен по здравјето на луѓето, Ваксинце, Лојане,рече Меџити  кој е дел од владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во британската престолнина на потпишување на договорот влада со влада во рамки на стратешкото парнерство на Обединетото Кралство и Македонија,  јави известувачот на МИА од Лондон. . 

Воглавно, додаде тој, тоа се некогашни фабрики кои пропаднале, но се сериозен проблем по здравјето на луѓето и по животната средина.

-Досега имало напори ова да се реши, но за илустрација, само две третини од малиот базен со линдан во Охис е решен, а тој е во сооднос 1 : 10 со големиот базен, кој што воопшто не е почнат. Мислам дека ова е добра можност да се отстрани овој проблем кој што со децении стои нерешен во нашата држава, рече Меџити укажувајќи на проблемот со финансирање на ваквите зафати во изјавата дадена по средбата на македонската делегација со претставници во одделот за бизнис и трговија на британската Влада.

Прашан дали има проекции за колкави средства би се работело, со оглед дека решавањето на т.н. „жешки“ еко точки се сметаат за едни од најскапите проекти, Меџити истакна дека најпрво ќе треба да се утврди на кој начин ќе се решаваат овие депонии со опасен отпад.за да се направи груба проценка за тоа колку би чинеле таквите зафати.

Според него, потребни се уште осум милиони евра за да се експортира целосно од нашата држава  линданот од малиот базен (лоциран во кругот на поранешната фабрика Охис). Постојат и други солуции како што е да се стави (отпадот) во капсула, со покривање, опција која што е многу поевтина, а такви примери има во Холандија.  

Зачлени се на нашиот е-билтен