Околу сто мостови треба да се санираат, а 20-тина се ризични, покажа испитување на Градежениот факултет направени за потребите на Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП). Беа проверени околу 1.300 мостови низ земјава.
„На мостовите во минатото не им било обрнато соодветно внимание и грижа, затоа испитавме 1.300 мостови во земјава каква е нивната состојба. Од нив, 97 се детектирани како мостови кои треба да се поправаат, а од нив 19 се поризични. За овие 19 работиме на технички решенија за санација. Очекувам дека до септември ќе бидат готови решенијата. Проектот е финасиран од Светска банка. Потоа останува да процениме кои се приоритените за да ги ставиме во програма и побрзо да бидат реконструирани“, кажа директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
Деканот на Градежен факултет Горан Марковски кажа голем дел од мостовите се изградени пред повеќе години и затоа сега треба да се преземат одредени мерки и да се следи нивната состојба.
ЈПДП моментално работи на санација на два моста. Првиот е на Вардар кај Башино Село, кај Велес за кој беше кажано дека градежните работи ќе завршат со предвидениот рок, крајот на јуни.
„Важно е одржувањето на мостот кога ќе заврши реконструкцијата. Ако тоа се работи добро, реконструираниот мост ќе може да се користи и повеќе од предвидените нови 10 години. По него ќе може да сообраќаат возила како и досега до 40 тони тежина“, кажа Марковски.
Втор мост кој ЈПДП кој се санира е оној на излез од Гостивар кон Кичево, исто на реката Вардар.
„Започнавме со негова санација деновиве, оти ‘Бехтел и Енка’ го користеше патот под мостот. Овој мост е на патот од главната артерија во западна Македонија“, рече Трајановски.