Руската и украинската делегација пристигнаа во Истанбул

Претставници на Русија и Украина денеска (2.06) пристигнаа во Истанбул на втори директни мировни преговори, но надежите дека ќе биде постигнат некаков значителен напредок се мали. Извори од украинските преговарачки кругови велат дека се подготвени да преземат вистински чекори кон мир. Сепак, се додава дека Русија мора да покаже подготвеност за напредок, „наместо едноставно да ги повторува истите стари ултиматуми“.

Украинската делегација ја предводи министерот за одбрана Рустем Умеров. Руската делегација ја предводи советникот на Кремљ, Владимир Медински. Според него, Русија го добила украинскиот нацрт-меморандум за мировен договор пред разговорите. Не е јасно дали Украина добила и соодветен руски меморандум.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нагласи подготвеноста на неговата земја за преговори. „Подготвени сме да ги преземеме потребните чекори за мир“, рече тој за време на посетата на Литванија. Зеленски го наведе прекинот на огнот како „почетна точка“ за договор, како и „хуманитарните мерки“, ослободувањето на воените заробеници и враќањето на украинските деца киднапирани од Русија. Доколку разговорите во турската метропола „не дадат резултати“, според Зеленски, треба да се воведат нови санкции против Русија.

Зачлени се на нашиот е-билтен