Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е традиција, духовна навика и жива дебата за тоа каков театар сакаме да гледаме и какво општество сакаме да градиме, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
-Низ овие 59 години, театарот постојано се движи напред предводен од нови генерации уметници кои носат нова естетика, нови форми и одговараат на нови прашања. И тоа не треба да нѐ плаши. Напротив, тоа е потврда дека театарот е жив. И како институции, ние сме тука не само да ги следиме тие процеси, туку и да ги поддржиме – суштински, доследно, со јасна визија, рече министерот Њутков прогласувајќи го за отворен 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Според уметничкиот директор фестивалот Ана Стојаноска до наредниот петок, 13 јуни носи богата програма со девет претстави во конкуренцијата за награди, пет во независната продукција, промоции, нови содржини, разговори на тркалезната маса за одиграните претстави како и достојно внимание на прилепските театарски дејци преку „Прилеп во фокусот“. Почит на актерите Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски Џумерко и за драмскиот автор Благоја Ристески-Платнар.
-Сакам да ја поздравам новата програма „Драмолетање“. Ќе комуницираат актерите, заедно со продуцентите и режисерите. Тоа за да се фокусираме на домашната, македонската драма. На Фестивалот е и детската зона, а Прилеп во Фокусот е всушност, музејот во движење. Во недела навечер од 21 часот пред Градскиот саат ќе почнеме да го мапираме Прилеп како градот во фокус, изјави Стојаноска.
Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, Фестивалот во Прилеп носи економски бенефит, но најважно од сѐ е што носи дух и гордост.
-За Прилеп, „Војдан Чернодрински“ е традиција што нѐ обврзува, но и инспирација што нѐ движи напред. А за цела Македонија, тој е симбол на континуитетот, на квалитетот и на љубовта кон театарот. Фестивалот создава простор за нови уметнички јазици, нови визии, нови генерации актери и режисери. Но, создава и простор за дијалог и за заедништво. Театарот, како и секогаш, ни дава шанса да се огледаме во него – искрено и без маски, рече Јовчески на отворањето на Фестивалот.
На отворањето беа доделени наградите за животно дело на актерите Снежана Конески Руси, Соња Михајлова и на Гоце Тодоровски.
Според Снежана Коневски Руси, наградата е доказ за сето она што се работело на сцена и дека се валоризирал трудот.
-Се чувствувам горда. Но, без аплаузот на публиката веројатно не ќе бев она што сум денеска. Можеби публиката ме хранела премногу за да опстојам на сцената меѓу сите тие нови генерации и, едноставно се чувствувам како мост меѓу велемајсторите во МНТ и новите генерации, изјави Конески Руси.
За актерката Соња Михајлова, фестивалот е празник и вреднување на театарската уметност.
-Фестивалот е вреднување на влогот на театарските уметници како дел од културниот идентитет на Македонија и од таа причина, секако дека и оваа награда за животно дело ми значи декак, секако, сум оставила некаква трага и печат врз културната театарска уметност која е дел од културниот идентитет на Македонија, рече Михајлова.
Актерот Гоце Тодоровски вели дека речиси цела Македонија е неговата публика која го препознава насекаде, а наградата е потврда на творењето со децении.
-Ова е резултат на тоа што сум го правел досега, ам задовлство и на публиката и мое. Тоа е доказ дека тоа што го работиш е успешно и на извесен начин се верифицира, рече Тодоровски.
На отворањето на Фестивалот пред прилепската публика ансамблот на МНТ од Скопје ја изведе претставата „12“ во режија на Синиша Ефтимов. Тоа е првата од деветте претстави во конкуренцијата за награди на Фестивалот.
Денеска напладне во Центарот за култура ќе се одржат првите разговори за одигранмата претстава „12“ на МНТ.
Вечер на програмата на фестивалот е втората претстава во конкуренцијата за награди. Тоа е претставата на битолскиот народен театар „Црно Семе“.