Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата го предупреди милијардерот Илон Маск дека ќе се соочи со „многу сериозни последици“ доколку започне да ги финансира кандидатите на Демократската партија, по нивниот јавен конфликт кој кулминираше оваа недела, пишува британски Гардијан.
Предупредувањето беше дадено во интервју за Ен-Би-Си Њуз, кое треба да се емитува во целост денеска, по неколку дена на жестока размена на критики, откако Маск ја нарече буџетската легислатива на републиканците „одвратна“.
Трамп изјави дека неговата врска со технолошкиот магнат е завршена и го предупреди Маск да не отиде на страната на демократите, откако минатата година наводно потрошил речиси 300 милиони долари во поддршка на Трамповата кампања за реизбор.
„Ако го направи тоа, ќе мора да се соочи со последиците. Ќе мора да се соочи со многу сериозни последици ако го направи тоа,“ вели Трамп за Ен-Би-Си њуз.
На прашањето дали сака да ја поправи својата врска со Маск, Трамп кусо одговори: „Не.“ А, на прашањето дали мисли дека нивниот однос е завршен, рече: „Предпоставувам дека е така, да“, и додаде дека нема намера да зборува со Маск.
„Преокупиран сум со други работи,“ изјави Трамп, додавајќи: „Немам намера да разговарам со него“.
Сепак, Трамп смета дека оваа расправија помогнала да се обедини Републиканската партија околу него. „Партијата никогаш не била вака обединета. Никогаш. Всушност, повеќе отколку што беше пред три дена“, рече тој.
Несогласувањето меѓу Маск и Трамп дојде откако Маск се спротивстави на буџетскиот закон на Републиканците, познат како „one big beautiful Bill“. Според Трамп, спротивставувањето на Маск нема да го спречи усвојувањето на законот, кој веќе помина во Претставничкиот дом и сега е на разгледување во Сенатот.
Некои конзервативни републиканци делумно ги споделуваат забелешките на Маск, особено околу потребата од намалување на трошоците, и размислуваат за измени.
Законскиот предлог ги продолжува даночните олеснувања од 2017 година и предвидува ново финансирање за безбедност на границата и зајакнување на војската, додека средствата за тоа би се обезбедиле преку кратење на програмите како Медикеид, ваучерите за храна и субвенциите за зелена енергија.
Проекциите од Конгресната служба за буџет и независни аналитичари укажуваат дека законот би можел да го зголеми буџетскиот дефицит на САД за помеѓу 2,3 и 5 трилиони долари во следните 10 години. Белата куќа, пак, тврди дека економскиот раст поттикнат од даночните намалувања ќе ги компензира трошоците.
Трамп, сепак, за Ен-Би-Си изјави дека е „многу уверен“ оти законот ќе биде усвоен до 4 јули.
„Мислам дека Илон всушност ги изнесе силните страни на законот, затоа што луѓето кои не беа фокусирани, почнаа да обрнуваат внимание и сега гледаат колку е добар. Во тој смисол, тоа беше голема услуга. Но, мислам дека е жално што Илон е толку разочаран и скршен“, рече Трамп.
Тој го обвини Маск и дека не ја почитува институцијата претседател.
„Мислам дека е многу лошо, бидејќи е многу непочитувачки. Не смееш да ја навредуваш институцијата претседател“, изјави Трамп.
Претходно, Маск избриша објава на социјалната мрежа X, која тој ја поседува, во која се сугерираа врски помеѓу Трамп и посрамотениот американски финансиер Џефри Епстајн.
На прашањето за таа објава, Трамп одговори: „Тоа се нарекува ’стара вест’, тоа се зборува со години. Дури и адвокатот на Епстајн рече дека немам никаква врска. Стара вест“.
Маск исто така ја повлече својата закана за „повлекување од употреба“ на вселенското летало Драгон на Сепјес-екс, кое НАСА го користи за транспорт на астронаути и опрема до Меѓународната вселенска станица.
Претходната закана дојде откако Трамп рече дека би можел да ги поништи федералните договори со Спејс-екс. Во саботата, претседателот рече дека не размислувал дополнително за таа можност.
„Ми е дозволено да го направам тоа. Но, не сум размислувал за тоа“, рече тој.
Претходно во саботата, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс изјави во интервју со комичарот Тео Вон дека Маск прави „огромна грешка“ со тоа што го напаѓа Трамп, но ја намали тежината на нападите нарекувајќи го Маск „емотивен човек“ кој се разочарал.
„Се надевам дека на крајот Илон ќе се врати во тимот. Можеби сега тоа не е можно, бидејќи отиде предалеку“, рече Венс.
Но додаде: „Гледај, тоа им се случува на сите. Јас сум реагирал многу полошо од што Илон Маск го направи тоа во последните 24 часа“.
„Мислам дека ако Илон малку се смири, сè ќе биде во ред“, додаде тој.