Министерството за внатрешни работи денеска ги отфрли како „невистинити и неосновани“ тврдењата на СДСМ дека институцијата набавила софтвер за шпионажа и прислушкување. Во демантот, испратен до јавноста од Секторот за односи со јавност и протокол, се наведува дека станува збор за редовно обновување на лиценци за дигитална форензичка опрема, која се користи веќе повеќе од една деценија.
Според МВР, лиценците се за софтвер наменет за екстракција и анализа на податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, исклучиво во контекст на истраги што се водат со судски налози и во согласност со законските процедури.
„Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот“, се вели во соопштението.
Министерството дополнително потсетува дека истиот тип софтвер бил набавен и во 2021 година, кога МВР било раководено од министер од редовите на СДСМ, што, според институцијата, „само ја нагласува противречноста“ на сегашните обвинувања од истата партија.
„Набавката е спроведена транспарентно и согласно со Законот за јавни набавки и има единствена цел – да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела“, наведуваат од МВР.
Во завршницата од демантот, Министерството апелира до политичките субјекти да се воздржат од пласирање дезинформации што, како што се наведува, ја поткопуваат довербата во институциите. „Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, се заклучува во соопштението.