Од Европскиот фронт, подносители на иницијативата за интерпелација на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, се повикуваат на нивното право загарантирано во член 72 од Уставот. Од Уставниот суд наведуваат дека ниту пратениците ниту кој било друг има право да поднесува иницијативи против судии на Уставниот суд, бидејќи во членот 111 од Уставот јасно стои под кои услови може да му престане мандат на уставен судија. Бидејќи ваквите дијаметрално спротивни ставови може да бидат повод за дезинформации во јавниот простор во рамките на рубриката Контекст ги претставуваме двата члена од Уставот и постојните дилеми, пишува во анализата на Вистиномер Теофил Блажевски.
Пратеникот Илир Хасани од коалицијата на ДУИ – Европски Фронт, во поднесената иницијатива за интерпелација на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски (04.06.2025) наведува дека предлогот до претседателот на Собранието Африм Гаши го темелат врз членот 72, став 1 и 2 од Уставот на РСМ.
Ако се прочита тој член Уставот Хасани, формално гледано е во право:
Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.
Интерпелација можат да поднесат најмалку пет пратеници.
Пратеничко прашање може да постави секој пратеник.
Начинот и постапката на поднесувањето и расправата по интерпелација и пратеничко прашање се уредуваат со Деловникот.
Наспроти ова од Уставниот суд за медиумите потсетија дека веќе имаат донесен став за можноста за интерпелација на уставен судија и дека Уставот такво нешто не предвидува:
Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд. Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд – се наведува во ставот што го пренесоа дел од медиумите.
Доколку се погледне членот 111 од Уставот, произлегува дека Уставниот суд е во право кога тврди дека нема основа поднесената иницијатива од Европскиот фронт:
Функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.
Судиите на Уставниот суд уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Уставниот суд.
Судиите на Уставниот суд не подлежат на обврска во вооружените сили. На судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка.
Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.
Притоа, треба да се има предвид дека надлежноста на Уставниот суд произлегува исклучиво според Уставот, бидејќи не постои посебен закон за Уставен суд, а судот својата работа ја спроведува според своевиден деловник наречен Акт на Уставниот суд.
Пратеникот Хасани се потпира на првата реченица на членот 72, дека интерпелација може да се поднесе „за работата на секој носител на јавна функција“, додека Уставниот суд се повикува на специфичната позиција „и што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“, како и на стриктните одредби од членот 111 од Уставот.
Иако аргументите на Уставниот суд, кога е во прашање Уставот имаат поголема тежина од толкувањето на пратеникот, од причини што не за првпат се поставува ова прашање, се наметнува и прашањето дали има потреба од допрецизирање на споменатите членови или пак потреба од носење и посебен Закон за Уставен суд. Дилемата во повеќе наврати ја поставувале и сегашни и поранешни судии и експерти по уставно право. Конечно во таа насока беше одржана и расправа во самиот Уставен суд, а еден од отворените поддржувачи на таа идеја е и самиот Костадиновски.