Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските сили успеале да го сопрат напредувањето на руската армија во североисточната Сумска област и дека во моментов се водат борби по должината на границата со цел повторно воспоставување контрола.
„Ја израмнуваме ситуацијата. Борбите се одвиваат на самата граница. Треба да знаете дека непријателот беше запрен. Максималната длабочина на офанзивата е седум километри од границата“, соопшти Зеленски во изјава објавена од неговиот кабинет.
Според него, Русија распоредила околу 53.000 војници на правецот кон Суми.
Иако руските сили се насочени кон Доњецката област, од почетокот на месецов Москва ги засили нападите и на североисток и најави формирање на т.н. безбедносна зона во Сумска и Харковска област.
Зеленски додаде дека украинската војска успешно ги одржува одбранбените линии долж повеќе од 1.000 километри фронт и негираше дека руските сили ја преминале административната граница на Дњепропетровска област – регион што се граничи со три области делумно окупирани од Русија: Доњецк, Херсон и Запорожје.
Воедно, украинските сили извеле напад со дрон при кој собориле неколку руски авиони и оштетиле мост што ја поврзува Русија со анектираниот Кримски Полуостров, користејќи подводни експлозиви.
Зеленски призна дека Украина не може целосно да си ја врати територијата со воена сила и повторно повика на построги санкции против Русија, со цел да се принуди Москва да седне на преговарачка маса.
Претходните два круга мировни преговори меѓу Киев и Москва во Истанбул донесоа ограничен напредок, при што страните се согласија само за размена на заробеници. Неколку размени веќе се спроведени овој месец, а Зеленски очекува следната да се реализира до 20 или 21 јуни.
– Договорено е размената да заврши, по што ќе се разговара за следниот чекор – изјави тој.