Најдоцна до почетокот на септември сите државни возила ќе добијат таблички во боја

Најдоцна до почетокот на септември сите државни возила ќе добијат таблички во боја, најави вечерва директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски додавајќи дека тоа ќе се случи пред локaлните избори што ќе бидат најверојатно околу 15 октомври. 

МВР веќе има распишано тендерска постапка за набавка на црвена и жолта боја со која ќе се бележат службените возила, а јавното отворање ќе биде на 25 јуни.  

Промената на таблиците ќе падне на товар на самите институции. – Некаде околу 1200 денари е промена на таблици со промена на сообраќајна дозвола, но тоа не е некоја голема финансиска штета за државата отколку што може да се заштеди и да излеземе сериозни кон граѓаните, вели тој. 

Државата нема регистар на службени возила, па така од анализата на СОЗР се работи за околу 7000 возила, од кои веројатно илјада ќе се исклучат од безбедносни причини – МВР, АРМ итн. Втората работа што се планира, како што кажа Томовски, е да се објави јавен телефонски број и мејл адреса каде граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреба.

Зачлени се на нашиот е-билтен