Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите, ЕЦПД Регионалниот институт за развојни студии (РИДС) Скопје при Универзитетот за мир основан од ООН и Дипломатскиот клуб – Скопје денеска во МАНУ организираат тркалезна маса на тема „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: Перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан“.
Оваа тркалезна маса, информираат од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, ќе биде значаен форум за унапредување на значајни дискусии за перспективите на Северна Македонија и другите земји-кандидатки во рамките на проширувањето на ЕУ.
Воведни и поздравни обраќања на настанот ќе имаат академик Таки Фити, раководител на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, Орхан Муртезани, министер за европски прашања, амбасадорот во пензија Јован Теговски, претседател на Дипломатскиот клуб – Скопје, Никола Поповски, декан на ЕЦПД РИДС Скопје при Универзитетот за мир основан од ООН
Како што информираат од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, тркалезната маса има за цел да се осврне на моменталната геополитичка клима и начинот на кој таа ја обликува политиката на проширување на ЕУ. На тркалезната маса се очекува да се дискутира за поместувањето во динамиката на промените на глобалната моќ и како тоа би можело да го трансформира процесот на интеграција во ЕУ. Со оглед дека ЕУ го нагласува проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет, ќе бидат разгледани импликациите од овој наратив во реалниот свет, особено за Северна Македонија и другите земји-кандидатки во Западен Балкан.
– Тркалезната маса ќе биде структурирана во две сесии фокусирани на следниве критични теми: Сесија 1 – Значителното влијание на геополитичкиот пејзаж, вклучувајќи ги промените во САД и во надворешната политика на САД, регионалните конфликти и нестабилност, изгледите за завршување на војната во Украина, жариштата на Западен Балкан и растечкото влијание на силите кои не се членки на ЕУ, како што се Русија и Кина, врз политиката на проширување на ЕУ. Начинот на кој овие промени во динамиката на глобалната моќ веројатно ќе ја преобликуваат иднината на проширувањето на ЕУ. Влијанието на геостратешките промени врз меѓународната трговија и капиталните текови и проблемот со можностите за зголемување на глобалните и националните трошоци за одбрана. Геополитичките промени можат да влијаат и на миграциските текови во светот и на регионалните конфликти. – До кој степен наративот на ЕУ за проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет се пренесува во конкретни дејствија, особено во однос на Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан? – Како ЕУ може ефикасно да ги балансира амбициите за проширување со нејзините внатрешни предизвици, вклучувајќи ги одбранбените и безбедносните предизвици, двоумењето и спротивставувањето на земјите-членки на целиот процес, економските нееднаквости, проблемите со управувањето и растечкиот бран на европесимизам, посочуваат од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“.
На втората Сесија ќе се дискутира за тоа Колку се одржливи амбициите на ЕУ да ја преземе улогата на геополитички актер во сегашните околности? Кои се стратешките импликации од проширувањето за геополитичкото присуство, стабилноста и безбедноста на ЕУ во Европа, Геополитичкиот контекст на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан, како и значењето на интеграцијата во ЕУ за регионалната стабилност и развој и Стратешката определба на Северна Македонија за членство во ЕУ, моменталната состојба на преговорите за пристапување во ЕУ (вклучувајќи ги социо-политичките, економските, предизвиците за владеење на правото и соседските односи) и можните патишта за напредок. Дали пристапот на новата Европска комисија кон постепена интеграција може да послужи како одржливо транзициско решение.