Опасен топлотен бран во Шпанија: Над 100 жртви за една недела

By dronepicr - Aerial view of Barcelona, Spain, CC BY 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=134028933
By dronepicr – Aerial view of Barcelona, Spain, CC BY 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=134028933

Првиот голем топлотен бран што ја зафати Шпанија ова лето веќе однесе над стотина животи. Според официјалните податоци на Системот за дневно следење на смртноста (MoMo), од саботата наваму се регистрирани 102 смртни случаи поврзани со екстремните температури.

Овој број ја потврдува загриженоста на здравствените власти, кои укажуваат на значително зголемена смртност предизвикана од топлина. Според MoMo, во првите шест месеци од 2025 година во Шпанија се евидентирани 2.168 смртни случаи поврзани со екстремни температури – што претставува 68% од вкупно 3.521 смртни случаи предизвикани од топлина годинава.

Најжешкиот јуни во историјата на Шпанија

Според Националната метеоролошка агенција (Aemet), јуни 2025 година е прогласен за најтоплиот јуни некогаш измерен во земјата. Просечната температура месецов изнесувала 23 степени Целзиусови, што е 3,5 степени повисоко од просекот за периодот 1991–2020 година, и 0,8 степени повеќе од досегашниот рекорд од јуни 2017 година.

Топлотниот бран започна со екстремно високи температури, особено на југот од земјата. Во општините Алконселос и Фуентес де Андалусија, живата во термометарот достигна 43 степени, што предизвика итни мерки од страна на локалните и националните власти.

Жени и постари лица – најзагрозени групи

Од вкупно 380 смртни случаи регистрирани во јуни, најголем дел се жени (237 случаи), додека граѓаните постари од 75 години се идентификувани како најризична група. Лекарите предупредуваат дека кај постарите лица дури и умерено зголемување на температурата може да доведе до сериозни здравствени последици.

Најсмртоносен ден бил понеделник, 30 јуни, кога се евидентирани 46 жртви, а претходниот ден, недела, 28 јуни, завршил со 32 смртни случаи – бројка која одговара на вкупната смртност во јуни 2024 година, кога не беше забележан топлотен бран.

Апел од здравствените власти

Министерството за здравство повторно ги повика граѓаните да се придржуваат до препораките за заштита од топлински бранови:

  • престој во климатизирани и разладени простории,
  • редовно внесување течности,
  • избегнување на физички напор во најтоплите делови од денот,
  • посебно внимание за постарите лица и хронично болните.

Метеоролозите најавуваат дека топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови, со што ризикот за здравјето останува висок. Локалните власти веќе разгледуваат можности за прогласување на вонредна состојба во најпогодените региони.

Зачлени се на нашиот е-билтен