Новите царини се објавени во писмо што Трамп го објави на социјалната мрежа Трур Соушл.
Во продолжение интегрален текст од писмото на Трамп:
„Почитувана госпоѓо претседателка,
Голема чест ми е да Ви го испратам ова писмо бидејќи тоа ја покажува силата и посветеноста на нашиот трговски однос, како и фактот дека Соединетите Американски Држави се согласија да продолжат со соработката со Европската унија, и покрај тоа што имаме еден од најголемите трговски дефицити токму со Вас. Сепак, решивме да одиме понатаму, но само под услови на урамнотежена и фер трговија.

Затоа Ве покануваме да учествувате во извонредната економија на Соединетите Држави, пазарот број еден во светот, далеку пред сите. Со години разговаравме за нашиот трговски однос со Европската унија и заклучивме дека мора да се оддалечиме од тие долготрајни, големи и упорни трговски дефицити, предизвикани од Вашите царини и нецарински политики и трговски бариери.
Нашиот однос, за жал, е далеку од реципроцитет. Почнувајќи од 1 август 2025 година, на Европската унија ќе ѝ наплатуваме царина од само 30 проценти на производите од ЕУ што се испраќаат во Соединетите Држави, независно од сите секторски царини. Стоката што се обидува да се извезе за да се избегне повисока царина ќе подлежи на таа повисока царина. Имајте предвид дека 30 отсто е значително помалку од она што е потребно за да се отстрани разликата во трговскиот дефицит што го имаме со ЕУ.
Како што знаете, нема да има царини ако Европската унија или компаниите во ЕУ одлучат да градат или произведуваат стока во Соединетите Држави, а ние ќе сториме сè што е можно за да ги одобриме тие проекти брзо, стручно и рутински – со други зборови, во рок од неколку недели. Европската унија ќе има целосен, отворен пристап до пазарот на Соединетите Држави, без царини што Вие моментално ги користите за да се обидете да задржите огромен трговски суфицит.
Доколку од која било причина одлучите да ги зголемите своите царини и да возвратите, тогаш износот за кој ги зголемувате ќе биде додаден на оние 30 проценти што ги наплатуваме. Имајте предвид дека овие царини се неопходни за да ја исправиме повеќегодишната нееднаквост предизвикана од европските царини и нецарински политики и трговски бариери, кои создаваат големи и неодржливи трговски дефицити против Соединетите Држави.
Тој дефицит сериозно ѝ штети на нашата економија и, навистина, на нашата национална безбедност!
Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Вас како наш трговски партнер долги години. Доколку сакате да ги отворите своите досега затворени пазари за трговија со Соединетите Држави и да ги укинете своите царински и нецарински политики и трговски бариери, тогаш можеби ќе разгледаме приспособување на царините од ова писмо. Тие царини може да се менуваат, зголемуваат или намалуваат, во зависност од нашиот однос со Вашата земја. Соединетите Држави никогаш нема да Ве разочараат. Ви благодариме на вниманието што го посветивте на ова прашање! Со почит и најдобри желби,
Доналд Џ. Трамп
Претседател на Соединетите Американски Држави“
Американскиот претседател Трамп во последните денови го прошири својот трговски спор со воведување нови царини кон голем број земји.