Утре, на 15 јули, во 10.00 часот во Europe House, Скопје, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Три, четири, сега! Европа е наша!“, на којашто ќе бидат изложени дел од највпечатливите фотографии чии автори се млади таленти од целиот Западен Балкан.
Изложбата официјално ќе ја отвори Александар Меламед од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
На публиката ќе ѝ се обрати и Самра Лучкин, координатор на кампањи и менаџер за стратешки комуникации од WeBalkans, која ќе ја претстави кампањата и изложбата на фотографии. Потоа ќе се обрати и Теодора Цветковска, новинар и член на жири комисијата, која ќе го сподели своето искуство за изборот на победнички фотографии од Северна Македонија и својот став за моќта на спортот да ги надминува границите и да ги поврзува младите.
Со изложбата ќе се заокружи регионалниот фото-натпревар, на кој учествуваа речиси 200 фотографии, во рамките на кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ на „WeBalkans“ – иницијатива на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) при Европската комисија.
За време на настанот ќе се обратат и Сара Глоговац и Клое Кузигу кои ќе зборуваат во име на Европскиот младински олимписки фестивал и мрежата на волонтери. За крај, Катарина Маринковиќ, млада европска амбасадорка ќе зборува за ентузијазмот на младите за спортот, креативноста и европските вредности.