Независни за Карпош: Со недефинирање на учеството на независни кандидати на изборите се доведени во прашање уставно загарантираните права на граѓаните

На само две и пол недели од одењето на пратениците на колективен одмор и три недели до распишување на изборите, имаме правна несигурност и доведување во прашање на уставно загарантираните права на илјадници граѓани и преседан во историјата на државата, со недефинирање на учеството на независните кандидати на претстојните избори

„Ова претставува повреда на уставно загарантираното пасивно избирачко право и на правото да учествуваат во вршењето на јавни функции од член 23 од Уставот на Републиката, со што и на граѓаните кои нив ги поддржуваат им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување од член 22 од Уставот. Неможноста за учество на независните кандидати во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и слабее политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став (1) алинеја 5 од Уставот“, велат од Независните за Карпош.

Тие ја информираат јавноста дека владеачката ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа да се сретне со нив за да можат заедно да се утврдат условите за кандидирање на независните кандидати, и да се достави нов предлог кој ќе ја почитува Одлуката У.бр.186/202 на Уставниот суд и нема да го повлечат сегашниот заглавен Предлог-закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, кој е противуставен и не ја почитува одлуката на Уставниот суд. 

Владата не доставува мислење до Законодавно-правната комисија по барањето за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик, поднесено во наше име од пратеничката Моника Зајкова на 25.06.2025. Нема автентично толкување на сегашната состојба на Изборниот законик и нема донесено нови измени.  Како последен обид да се разреши сегашната неприфатлива состојба, која носи тешки преседани со несогледиви последици, доставивме: 

– Барање до претседателот на Државната изборна комисија г. Борис Кондарко, итно да бара од Владата да се произнесе по доставеното барање за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик, поднесено од пратеничката Моника Зајкова на 25.06.2025, Законодавно-правната комисија итно да изготви предлог на автентично толкување, а пратениците да го усвојат.

– Барање до Владата итно да достави мислење до Законодавно-правната комисија по доставеното барање за автентично толкување.

– Барање до Законодавно-правната комисија итно да оценат дали барањето за давање на автентично толкување е оправдано и ако е оправдано, да изготват предлог на автентично толкување и го достават до Собранието. Ако мислењето од Владата е неопходно за оценување на оправданоста, да побараат од Владата да им се достави мислењето по најитна постапка.

– Барање до претседателката на РСМ, г-a Гордана Сиљановска Давкова, да се обрати јавно до Собранието, Владата и медиумите и бара под итно да се овозможи правна основа за учество на независните кандидати на претстојните избори.

Независните за Карпош, бараат разрешување на овој преседан во најбрз можен рок и правна основа за учество на независните кандидати на локалните избори.

Соопштението до јавноста е во името на

-Независни советници од Независни за Карпош – За заштита на Карпош во Општина Карпош

-Независни советници од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД во Град Скопје

-Независни советници од Шанса за Центар во Општина Центар

-Независни советници од Поинаку во Општина Битола

-Независни советници од СТИГА Е во Општина Струмица

-Независни советници од СТИГА Е во Општина Босилово

-Независни советници од СТИГА Е во Општина Ново Село

-Поранешни независни советници од Më mirë për Tetovën / Подобро за Тетово во Општина Тетово

-Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба

-Независни за Карпош – За заштита на Карпош

Зачлени се на нашиот е-билтен