Еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус ова го истакна во своето обраќање на панелот „Обезбедување на демократиите преку зајакнување: Одбрана, отпорност и подготвеност“ на 107-от Рос-Рот семинар во Брисел, во одговор на прашање на пратеникот Драган Ковачки.
Кубелиус нагласи дека тој како еврокомесар за одбрана не е директно вклучен во пристапниот процес, но дека додека бил европратеник заедно со хрватскиот колега Тонино Пицула изработиле Извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ во која потенцирале два клучни аспекти.
„Прво, наведовме оти очекуваме дека проширувањето треба да заврши до 2030 година, што мислам дека е реално, и второ, наведовме дека е целосно неприфатливо земји кои се членки на ЕУ да се обидуваат да ги решат своите проблеми, што би ги нарекол историските спорови, со блокирање на преговорите на земјите кандидати. Нашиот предлог беше многу едноставен – тие спорови да се решаваат на поинаков начин, не со блокирање на преговорите. За жал, тоа е случај тука и би рекол дека не е фер кон нашите земји кандидати“, рече Кубилиус.
Тој нагласи дека кога земјите од Централна и Источна Европа беа кандидати за членство во ЕУ никој од Западот не го блокираше нивниот пристап, иако можеше, па жално е што сега токму членките на Унијата од тој регион го блокираа процесот на проширување.
„Мислам дека навистина не е фер сега да имаме такво однесување од земјите членки од Централна и Источна Европа“, рече Кубилиус.