Трамп: Постигнат е голем напредок со Путин, но…

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговиот претставник Стив Виткоф постигнал голем напредок на средбата со рускиот претседател Владимир Путин и дека има намера да работи на завршување на украинскиот конфликт во наредните денови и недели.

„Мојот специјален претставник, Стив Виткоф, штотуку имаше многу продуктивна средба со претседателот на Русија, Владимир Путин. Постигнат е голем напредок! Потоа, ги информирав некои од нашите европски сојузници. Сите се согласуваат дека оваа војна мора да заврши и дека ќе работиме на тоа во наредните денови и недели. Ви благодарам за вашето внимание“, напиша Трамп.

Санкции сепак се воведуваат

Иако функционер на Белата куќа, цитиран од Ројтерс, изјави дека средбата меѓу Путин и Виткоф поминала добро и дека „Русите се желни да продолжат со соработката“ со САД, сепак се очекува секундарните санкции да бидат спроведени во петок.

„Русите сакаат да продолжат да разговараат со Соединетите Американски Држави. Очекуваме нови санкции да бидат воведени во петок“, изјави функционер на Белата куќа, според Ројтерс.

Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио објави дека до крајот на денот ќе ја објави одлуката за воведување нови санкции кон Русија.

Рубио истакна дека разговарал со специјалниот претставник на САД Стив Виткоф по неговата посета на Москва.

Да ве потсетиме дека специјалниот претставник на САД Стив Виткоф ја оствари својата петта посета на Русија оваа година, за време на која се сретна со шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, а потоа беше примен од Путин во Кремљ.

Во меѓувреме, Трамп и Зеленски го завршија телефонскиот разговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен