Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во колумна за порталот 360 по повод 24-годишнината од Охридскиот рамковен договор упати порака на македонски јазик до „сограѓаните Македонци“, повикувајќи на заедништво, одбрана на македонскиот и албанскиот јазик и потврда на унитарниот карактер на државата. „Ниту повторно моја, ниту повторно твоја, туку секогаш наша Македонија“, пишува Ахмети, додавајќи дека целта е „Европска Македонија“ со еднакви права.
Ахмети се навраќа на лични и политички епизоди од минатото, тврдејќи дека и покрај прогоните и обвинувањата за сепаратизам во младоста, неговата позиција останала непроменета: залагање за еднаквост и унитарна држава. Во текстот ги отфрла и актуелните обвинувања за корупција како дел од „кампањи за оцрнување“, нагласувајќи дека Албанците „никогаш не го спореле“ македонскиот јазик и идентитет и очекува реципрочна почит кон албанските засебности.
Говорејќи за имплементацијата на Охридскиот договор, Ахмети наведува инфраструктурни и институционални поместувања и интеграцијата во НАТО како потврда дека „од еднаквоста најголеми придобивки имаат граѓаните и земјата“. Според него, стравовите од федерализација, „казни за двојазичност“ или „демографско потиснување“ не се оствариле, а државата останува определена за европски интеграции.
Во повикот за понатамошно помирување и соработка, Ахмети предупредува дека национализмот и популизмот носат „пирова, краткотрајна победа со долгорочни последици“ и дека политиките треба да се кројат „за следните генерации, не за следните избори“. Завршната порака е за заемно почитување и продолжување на евроинтегративниот курс со „праведно и еднакво општество“.