Македонија денес повторно ја чувствува цената на нестабилното водоснабдување. Во Скопје се спроведуваат рестрикции поради намален доток и оптоварена мрежа, Тетово втор ден по ред е под целосен прекин по дефект на главна линија, а Пехчево алармира: водата моментно не е безбедна за директна консумација и мора да се преврива пред употреба.
Во главниот град, скопските населби ротираат со прекини и намален притисок во часови кога потрошувачката е највисока. Надлежните апелираат за рационална употреба и предупредуваат дека стабилизацијата зависи од одржливиот доток и дисциплината во потрошувачката. Граѓаните да ги следат известувањата на јавното претпријатие за своите населби.
Тетово се соочи со дефект на една од главните водоводни цевки со пречник Ф400 на улицата „Александар Јовановски-Журчин“ во Горна Чаршија. Екипите работеа вчера од 8 часот наутро до попладневните часови, а денес беше најавена дополнителна интервенција од 9 до 12 часот. По завршувањето следи постепена нормализација на дотокот, прво во високите зони. Можни се привремена заматеност и варирања на притисокот при повторното полнење на системот.
Пехчево, пак, објави дека добиените лабораториски резултати за мостри од водата за пиење укажуваат отстапувања од безбедносните параметри. ЈКП „Комуналец“ апелира водата да не се пие директно од чешма и да се користи за готвење само по предходно превривање. Посебно се повикани на внимателност семејствата со мали деца, повозрасни лица и граѓани со чувствителен желудник.
Комбинацијата од летни пикови во потрошувачката, старa инфраструктура и изненадни дефекти ја држи водата на врвот на дневните грижи на граѓаните. Комуналните служби најавуваат дека ќе информираат за секоја промена по населби и градови, додека трае стабилизацијата на системите.
Што треба да знаат граѓаните
Во засегнатите места водата користете ја штедливо; за пиење и готвење во Пехчево задолжително превријте ја. По враќање на водата, пуштете ја кратко да истече доколку е заматена. Следете ги официјалните известувања на локалните претпријатија за точни термини и мерки.