На територијата на државата до 12 часот денеска регистрирани се вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои осум се сè уште активни, а единаесет се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Меѓу активните пожари се и оној во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод, во Струга кај местата „Октишка Краста“ и „Бегова Шума“, во Прилеп – село Дабница, како и кај селата Девич – Грешница во Македонски Брод. Пламен сè уште има и во село Теранци (Чешиново-Облешево), меѓу селата Рогачево и Јажинце (Јегуновце), како и во село Св. Петка (Сопиште).
Во изминатите часови изгаснати се пожарите во општините Демир Хисар, Струга, Делчево, Куманово, Старо Нагоричане, Сарај, Арачиново, Желино, Тетово и Гостивар.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да пријават секој забележан пожар, за да се спречи понатамошно ширење на огнената стихија.