По објавата денес на нејзиниот фејсбук профил Министерството за внатрешни работи експресно соопшти дека не води никаква постапка против Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалничка на Општина Центар и поранешна претседателка на ДКСК, и дека за сите прашања во врска со случајот е надлежно Обвинителството. Реакцијата дојде откако Ивановска објави дека синоќа околу 21:30 часот полицајци дошле на нејзината адреса за да ѝ врачат кривична пријава.
Од Основното јавно обвинителство – Скопје појаснија дека јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари и дека поканата за испитување била испратена уште на 25 јули 2025 година, „без никаква врска со политичките активности на поканетата“. Обвинителството додава дека, по јавната реакција на Ивановска, надлежниот обвинител телефонски ја контактирал и ѝ понудил одложување на исказот до по изборите; таа не го прифатила предлогот и најавила дека ќе се појави на сослушување на 19 август. Следствено се поставува логично прашање, што правело обвинителството од 18 февруари до 25 јули оваа година.
Ивановска, која вчера ја објави кандидатурата поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, изјави дека има „чиста совест“ и дека не се плаши од „притисоци и ниски удари“, најавувајќи редовно информирање на јавноста и упатувајќи дека Обвинителството е адресата за официјални информации.
Обвинителството дополнително објаснува дека временското поклопување со објавата на кандидатурата се должи на тоа што во меѓувреме се преземале други дејствија во предметот, а „пријавениот вообичаено се повикува на крајот“.
Билјана Ивановска беше претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата од 2019 до 2024 година, доаѓајќи од Државниот завод за ревизија. Вчера и официјално беше претставена како кандидатка на „Независни заедно“ за Центар, со поддршка од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“. Првиот круг на локалните избори е на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.
Следете повеќе на темата локални избори во нашата посебно дедицирана категорија со клик ТУКА