Лавров: Од внимателна подготовка сега вели дека нема планиран состанок Путин–Зеленски

Пред само неколку дена Лавров изјави дека се работи интензивно на подготовка на состанок помеѓу Зеленски и Путин а преку своите медиуми и сателитските медиуми низ Европа почна да се номинира Будимпешта како можна локација за тој стостанок. Денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека во моментов не е планиран лидерски состанок меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски.

„Путин е подготвен да се сретне со Зеленски кога ќе биде подготвен дневен ред за тој самит. Во моментов дневниот ред воопшто не е подготвен“, рече Лавров во интервју за NBC, додавајќи дека Москва покажала „извесна флексибилност“ околу дел од точките што ги иницирал претседателот на САД, Доналд Трамп.

Изјавата доаѓа по средбата Трамп–Путин во Анкориџ, Алјаска, која заврши без конкретен договор за Украина, и покрај оптимистичките тонови од двете страни. Американски и европски медиуми јавија дека Белата куќа турка рамка за преговори, но клучните разлики остануваат, а Москва сугерирa можност за отстапки само во пакети што би ги адресирале нејзините долгорочни барања.

Русија тврди дека Киев одбива да се впушти во суштински разговори и дека ги отфрлил предложените „принципи“ за напредок, вклучително и оние за кои Лавров вели дека се дискутирани по Алјаска. Украина, пак, ја обвинува Москва дека намерно го одолговлекува лидерското ниво и бара јасни безбедносни гаранции од Западот пред каков било договор.

Иако Лавров инсистира дека самит е можен само со однапред усогласена агенда, дипломатските сигнали наведуваат на продолжени, технички преговори на пониско ниво, без временска рамка за средба на врвот. Во меѓувреме, изјавите на руската страна за „флексибилност“ се движат паралелно со максималистички позиции околу статусот на териториите и воените ограничувања на Украина — јаз што останува клучната пречка за било каков брз исчекор.

Зачлени се на нашиот е-билтен